Јуниор КВ сака во елитата – донесе Србин и уште пет домашни засилувања!

Тимот на Јуниор Кисела Вода две сезони по ред во финишот останува без директно место или бараж за Суперлигата, па се чини дека оваа година посакува да биде нов член на елитата.

За таа цел овој тим ангажираше и српски интернационалец. Станува збор за левиот бек Немања Милутиновиќ, кој во есенската полусезона играше за српскиот второлигаш Куршумлија и беше прогласен за најдобар ракометар во оваа конкуренција во 2019 година.

Другите пет засилувања за составот на Благојче Весиќ се домашни. Станува збор за реактивираниот голман, поранешен младински репрезентативец – Матеј Петковски, а од составот на Пролет во Јуниор Кисела Вода дојдоа двајца ракометари – десното крило Филип Ролевски и левиот бек Бојан Манев.

Од тимот на Работнички дојдоа средниот бек Мартин Шуки Димовски, како и левото крило Намик Осман, кој има и интернационално искуство во турската Селкаспор. Заедно со староседелците и овие играчи, тренерот Весиќ има солиден тим на располагање кој може да биде конкурентен на Тиквеш и КЛ7, кои важат за најсериозни кандидати за место во елитата.