Јовиќ: Ја остваривме првичната цел, заслуживме да играме во плеј-офот

После денешната победа од 23:16 на гостувањето во Прилеп во натпревар кој имаше 40 минути резултатска тензија и 20 минути доминација на битолчани, победата за Еурофарм Пелистер 2 значеше пласман во плеј-офот.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ е презадоволен од постигнатото бидејќи успеале да ја остварат целта која беше поставена пред почетокот на сезоната.

Денешниот натпревар беше од голема важност бидејќи битолчани со победа самите си ја решаваа судбината и успеаја да го направат тоа на теренот.

Имаше игра која водеше кон победа така што на крајот Еурофарм Пелистер 2 не препушти ништо на случајот и обезбеди резултат со кој си обезбеди и голема радост.

„Им честитам на прилепчани на фер и коректната игра. Имаа свои шанси и тие за победа иако беа мали и тешко можеа да стигнат до реализација за пласман во плеј-офот, но тие одиграа максимално коректно. Секако честитки и до мојата екипа која денеска одигра како што се договаравме. Бевме борбени во одбраната и одигравме максимално трпеливо во нападот, Заслуживме место во плеј-офот“, коментираше после победата во Прилеп, тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ.

Пред почетокот на сезоната екипата имаше поставено своја цел, а со денешната победа и обезбедувње на плеј-оф пласманот беше и потврден.

„Нашата првична цел поствена од менаџментот беше да обезбедиме место во плеј-офот. Групната во која се најдовме беше тешка и со седум екипи кои имаа свој квалитет. Со еден кикс се губеше многу и беше тешко да се надомести. Загубените бодови тешко се надополнуваа така што моравме да одиграме внимателно. Ние имавме два кикса и тоа против Тиквеш на домашен терен и против Работнички во Скопје. Сепак, успеавме овие бодови да ги надоместиме против Металург и Бутел Скопје, но и против Тиквеш на гостувањето во Кавадарци“.

Тој е презадоволен од направеното и верува дека ќе биде уште подобро во следниот период и напролет очекува уште подобри резултати.

„Мислам дека ова е добро за Битола. Клубот цели кон успех, а проектот е долгорочен и од него бенефит ќе има и Битола како град и македонската репрезентација. Јас сум задоволен од сите играчи. Заедно со мојот тренерски тим и со поддршка на управа успеавме да ги разбудиме играчите. Вредат доста, но немаа доволно самодоверба. Направивме добра работа иако имавме доста проблеми. Полусезонава ја одигравме без класичен десен бек, што во вакви натпревари е голем проблем. Во овие последни четири натпревари нас нè красеше борбена игра во одбрана. Посакувам тоа да се пренесе и напролет и во плеј-офот да ја играме најборбената одбрана“, коментираше Јовиќ за 24 Ракомет.

Еурофарм Пелистер 2 е последниот тим кој обезбеди место во плеј-офот и со ова е веќе затворен списокот на тимови кои следната сезона ќе се натпреваруваат во плеј-оф групата од Супер машката лига.

Битолска радост во Прилеп: Еурофарм Пелистер 2 ќе се бори за титулата (ВИДЕО)

Битолчани убедливи среде Прилеп – Еурофарм Пелистер 2 меѓу најдобрите осум во македонската елита

Дрогришки: Трпеливо ќе ја чекаме нашата шанса, но зошто да не избориме и место во Европа