Дрогришки: Трпеливо ќе ја чекаме нашата шанса, но зошто да не избориме и место во Европа

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 славеше убедливо кај Прилеп со 23-16 и го обезбеди последниот билет за плеј-офот во Суперлигата.

Еден од искусните играчи во битолскиот тим, Стефан Дрогришки, вели дека на крајот сепак искуството пресудило за победникот.

„Натпреварот го почнавме во грч, знаевме дека мораме да ја искористиме приликата и можеби поради тоа си создадовме мал притисок, меѓутоа на крајот се консолидравме и успеавме победнички да го завршиме натпреварот. Прилеп беше мотивиран ривал и ни зададе многу проблеми, но искуството беше на наша страна и кога беше најпотребно одигравме одлично и го скршивме нивниот отпор. Наша цел од сам старт беше плеј-офот, но не сакавме тоа да го потенцираме многу во јавноста. Мислам дека го заслужуваме местото таму и ете го докажавме тоа и на теренот“, вели Дрогришки за 24Ракомет.

Напролет за ривали, избраниците на Александар Јовиќ ќе имаат екипи како Вардар и Еурофарм Пелистер, плус Металург, Охрид, Бутел Скопје, Струга и Пролет. Битолчанецот вели дека трпеливо ќе се чека шансата.

„Зошто да не избориме место во Европа, но за тоа потоа, да не правиме некои планови на долг рок. Ние трпеливо ќе работиме и ќе си ја чекаме нашата шанса. Сигурен сум дека во плеј-оф ќе одиме без бело знаме и ќе се надигруваме со секој од ривалите“, заврши Дрогришки.

Покрај вториот битолски тим, напролет во плеј-офот ќе играат и Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, Бутел, Пролет, Охрид и Струга.

Битолчани убедливи среде Прилеп – Еурофарм Пелистер 2 меѓу најдобрите осум во македонската елита

Битолска радост во Прилеп: Еурофарм Пелистер 2 ќе се бори за титулата (ВИДЕО)