Јахија: Мој идол е Кирил Лазаров

Египетскиот десен бек Омар Јахија кој настапува во тимот на Веспрем е еден од најквалитетните ракометари од африканскиот континент. Тој пристигна во Веспрем во 2019 година каде што веднаш го покажа својот талент и веќе е еден од клучните играчи во тимот.

Во неговото интервју за официјалниот сајт на СЕХА лигата, Јахија говореше на различни теми меѓу кои и за неговите почетоци на кариерата и идолите.

„Го одбрав ракометот бидејќи мојот татко играше ракомет, секогаш ги сакав неговите приказни. Започнав да играм на пет-шест години да се занимавам со спорт, се испробав во многу спортови но ракометот ми беше многу интересен и секогаш сакав да играм. Мои идоли се Кирил Лазаров  Ким Андерсон бидејќи и јас играм на истата позиција и беа најдобри играчи на светот во постигнување голови, асистирање и имаат прекрасен карактер на теренот“, рече Омар Јахија.

Омар Јахија кариерата ја започна во Гезира Спортинг, од каде премина во Замалек пред да се пресели на европскиот контитент.