Јанеска и Гакидова победнички ја заокружија полусезоната во Турција

Екипата на Коњалти во натпревар од 9. коло од шампионатот на Турција забележа убедлива победа на гости против Текирдаг со 33:18.

Победникот веќе беше одлучен по првото полувреме кое заврши со високо водство за Коњалти од 16:5. Во вториот дел, ракометарките на Коњалти продолжија со ист ритам, и во ниту еден момент домашната екипа не беше рамноправен противник.

Во победничката екипа повторно меѓу најефикасните беше репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска. Гостиварчанката беше втор стрелец со пет постигнати погодоци и имаше поделено неколку асистенции кон нејзините колешки. Втората Македонка во Коњалти, Ивана Гакидова постигна два погодоци.

Со освоената победа против Текирдаг, екипата на Коњалти го презеде лидерското место во најсилното натпреварување во Турција. Коњалти го очекува пауза до 14 јануари поради репрезентативните обврски на дел од ракометарките во тимот.