Јанеска и Гакидова освоија сребро во Купот на Турција

Репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска, и екс ракометарката на Вардар и Металург, Ивана Гакидова, пропуштија шанса за трофеј во Купот на Турција откако во финалето беа поразени од Кастамону, со резултат, 34:30.

Екипата на Кастамону, која на полувреме имаше предност од три гола разлика, 18:15, во големата битка против Коњалти беше предводена од поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ. Искусната репрезентативка на Црна Гора беше најефикасна во победничката екипа со седум погодоци и прогласена за МВП.

Македонките во Коњалти одиграа во стандардна форма, беа меѓу најдобрите во својот тим. Јанеска и Гакидова по петпати се запишаа во листата на стрелци. Ракометарките од Македонија одиграа солидно и во одбраната.

Коњалти со освоеното второ место избори учество во Европа за следната сезона. Клубот на Јанеска и Гакидова ќе учествува во рамки на ЕХФ купот и ќе има голема шанса да го покаже својот квалитет и на европска сцена.