Јакобсен одбра 20 за ЕП и нов атак на злато

Актуелниот светски шампион, Данска ќе се обиде да продолжи со игрите на високо ниво и освојување на медали, а после десет години да дојде до круна на Европските првенства што може да се заклучи и од составот со кој селекторот планира да влезе во овој шампионат бидејќи има 20 одлични ракометари.

Николај Јакобсен го скрати списокот, а ова е од голема важност и за Македонија бидејќи Данска е третиот противник со кој ќе треба да се одмерат силите на 17 јануари од 20:30 часот.

Има само една измена во однос на тимот кој играше против Македонија во квалификациите, а загуби во Скопје. Сега се враќа Расмус Лауге, па со тоа се добива само поголема конкуренција. Јакобсен може да смета на најдобрите што ја промовира Данска одново во фаворит за висок пласман.

Јакобсен се одлучи за овие ракометари: Никла Ландин, Јаник Грин, Кевин Мелер, Магнус Ланинд, Емил Јакобсен, Јохан Хансен, Ласе Сван, Хенрик Тофт Хансен, Симон Халд, Магнус Саугструп, Рене Антонсен, Расмус Лауге, Хенрик Мелгард, Микел Хансен, Јакоб Холм, Мадс Мензах, Ласе Андерсон, Арон Менсинг, Матијас Гидсел и Никлас Киркелоке.