Јакобсен им даде одмор: Данска без ѕвездите во последните квалификациски натпревари

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, го објави скратениот список од 18 ракометари пред последните квалификациски средби за Европското првенство во 2022 година во Унгарија и Словачка.

Со оглед на тоа што Данска веќе обезбеди место на континенталниот собир, Јакобсен ќе ги одмори дел од ѕвездите.

Против Швајцарија и Финска нема да играат Никлас Ландин, Микел Хансен, Хенрик Мелгард и Ласе Сван, Ханс Линдберг…

Дебитанти ќе бидат бековите Арон Менсинг од Холстебро, Мадс Хангард од Морс и Јакоб Ласен од Силкеборг.

Данска на 29 април гостува на Швајцарија, додека на 2 мај ќе игра дома со Финска. Македонија ќе се соочи со истите ривали, но по обратен редослед. Ако Данците си дозволат луксуз и загубат во Швајцарија, нашата репрезентација со две победи би можела да го освои првото место во групата.