Ѓорче Петров рутински одработи против Стружанка

Ракометарките на Ѓорче Петров, кои пред извесен период обезбедија настап во осминафиналето во Европскиот Куп, продолжуваат со одличната игра во домашниот шампионат и во натпревар од 12. коло од Женската лига без многу проблеми триумфираа против Стружанка со 12 гола разлика, 43:31.

Стружанка само на стартот, односно во воведниот дел беше рамноправен противник, издржа до 4:4 и во останатиот дел сѐ мина во знакот на домаќинките, кои лесно стигнуваа до погодок. Актуелниот шампион на Македонија победата ја обезбеди уште во првото полувреме, кое го доби со 23:16.

Второто полувреме, кое повеќе наликуваше на формалност и полесен тренинг за домашниот тим, не донесе никаква промена на резултатот. Ѓорче Петров ги казнуваше грешките на ривалот и рутински ја заврши денешната задача.

Најефикасна во победничката екипа беше Симона Василева со осум погодоци, додека по шест реализации имаа Емилијана Ризоска и Теодора Дукоска. Кај Стружанка прв стрелец беше Магдалена Делиоска со 12 гола.