Ѓоргиев за 24 Ракомет: Кире нѝ наметна таков менталитет да мислиме само позитивно

Еден од помладите ракометари во репрезентацијата на Македонија кои конкурираат за составот за настап на Европското првенство, Игор Ѓoргиев веќе има настапи за сениорската селекција така што добро знае како е да се биде дел од најсилната репрезентација.

Тој е свесен за она што претстои и очекува да биде напорно во текот целите подготовки, но и на првенството. Целта е да се обезбеди место меѓу патниците, па затоа ќе биде доста интересно во следниот период.

„Секој од нас ќе се труди максимално за време на тренинзите и натпреварите за да се докаже. Особено ние помладите ќе треба да одработиме најдобро што може за да успееме да дојдеме до место меѓу патниците за Унгарија. Ќе се залагаме максимално во текот на целите подготовки. На секој собир на репрезентацијата има нешто ново, а сето ова ние ќе мораме да се обидеме да го прифатиме што е можно побрзо и да се наметнеме на тој процес“, изјави Ѓоргиев за 24 Ракомет.

Тој веќе е навикнат на системот на работа, а вели дека со Лазаров како селектор им е наметнат победнички менталитет и дека сите веруваат во добри резултати.

„Кире нѝ наметна таков менталитет што мислиме само позитивно и ќе одиме на победа на сите средби. Важно е да одиграме, па што ќе биде нека биде. Во Скопје против Данска беше нешто посебно. Веруваме дека може да се повтори тоа и во Унгарија. Имаме и искуство и младост и доколку успешно ги споиме овие две работи може да се надеваме на убав резултат“, коментираше Ѓоргиев.

Репрезентативците веќе неколку дена работат во Маврово, а наскоро ќе биде и првата контрола на која ќе бидат одмерени силите со селекцијата на Кувајт.