Што ја чека Македонија? Која е најтешка, а која најлесна група што може да ја добијат ракометарите на ЕП

Машката репрезентација на Македонија шести пат по ред, а вкупно седми пат во историјата ќе игра на Европското првенство. Во 2022 година континенталниот собир ќе се одржи во Унгарија и Словачка од 13 до 30 јануари, а Македонија пред ждрепката е сместена во третиот шешир.

Организаторите веќе ги распределија дел од репрезентациите што веќе имаат пласман во кој град ќе играат. Хрватска ќе игра во Сегед, домаќинот Унгарија во Будимпешта, додека вториот домаќин Словачка ќе игра во Кошице. Чешка ќе игра во Братислава, Германија исто така во словачката престолнина, а Словенија ќе игра во групата во Дебрецен.

Според оваа шема на ЕХФ, јасно е дека мали се шансите Македонија да игра во Словачка, односно Братислава и многу веројатно е дека ќе добиеме некоја од групите што ќе се играат во Унгарија. Тоа значи дека една од овие селекции – Хрватска, Унгарија или Словенија би бил наш ривал. Ако евентуално се паднеме во словачката престолнина, односно во групата Д, тогаш за ривал ќе ја имаме Германија. Македонија дефинитивно нема да игра во групата Е или Ф.

Ако треба да го бираме најмалото зло од првиот шешир, тогаш тоа нека биде Словенија, но градот Дебрецин кој е на северот на Унгарија, не е најлесно достапна варијанта во споредба со Будимпешта и Сегед. Најлоша варијанта од вториот шешир би бил домаќинот Унгарија, а тоа носи плус уште еден од овие ривали Португалија, Шпанија или Норвешка, па мали би биле шансите за напредок во ваква група.

Од четвртиот шешир како најидеална опција делува Литванија, а ниту со Холандија или Украина нема да бидеме незадоволни. Иако сме ги победувале Полска, Црна Гора и Босна и Херцеговина на големи натпреварувања досега, би било убаво да ги избегнеме.

Најтешка група: Норвешка, Унгарија, Македонија, Полска
Најлесна група: Словенија, Австрија, Македонија, Литванија
Балканска група: Хрватска, Србија, Македонија, Црна Гора/БиХ

Ждрепката за групите на ЕП е денеска од 17:00 часот во Будимпешта, најпрво ќе се влечат трите селекции од првиот шешир, па петте од вториот, па четирите од третиот и на крајот оние од четвртиот шешир.

Пласман во главната рунда на ЕП ќе обезбедат прво и второпласираните од сите шест групи. Најдобрите шест од групите А, Б и Ц ќе играат во Будимпешта, додека најдобрите шест од групите Д, Е и Ф ќе играат во Братислава. Финалниот викенд ќе се игра во унгарската метропола.