Што ако фудбалската ѕвезда Халанд продолжеше да игра ракомет? (ВИДЕО)

Дали се прашувате што би се случило доколку еден од најголемите таленти во светскиот фудбал во моментов, Норвежанецот Ерлинг Халанд продолжел да игра ракомет наместо фудбал. Како огромен талент Халанд сè уште нема освоени титули, но неговиот учинок во Борусија Дортмунд е перфектен, вкупно има постигнато 49 гола на 49 натпревари или 21 гол на 21 натпревар оваа сезона. Рускиот handballfast.com направи анализа на двајцата најталентирани фудбалери кои се поврзани со ракометот.

Покрај Халанд кој има поврзаност со ракомет исто така уште еден огромен талент од фудбалот Килијан Мбапе има допирни точки со ракометот. Неговата мајка Фаиза Ламари била професионална ракометарка и настапувала во француските лиги. Мбапе одел со нејзе на натпревари и тренинзи но не почнал да игра ракомет. За разлика од него Халанд бил директно вклучен во ракомет.

Севкупно Халанд е исклучително спортски тип, а не е ни чудо според неговите гени. Татко му бил професионален фудбалер кој играл за репрезентацијата на Норвешка и Нотигнем Форест, Лидс и Манчестер Сити, а неговата мајка се занимавала со атлетика и била шампион во седмобој на Норвешка. Во детството Халанд се занимавал со повеќе спортови, фудбал, ракомет, скијање, голф и атлетика, а држи и светски рекорд на скок во далечина на пет години кога скокнал 1,63 метри.

Ерлинг Халанд не е талентиран само за спорт, тој со своите соиграчи од фудбал на 16 години ја снимиле песната „Kygo jo“ како дел од групата Flow Kingz. Во следното видео кое е исклучително популарно на Интернет можете да го погледнете врвниот стрелец во поразлична улога од која го познаваме.

Познато е дека ракометот во Норвешка е многу популарен и најголемиот дел луѓето се поврзани со ракомет. Халанд започнал да се занимава со ракомет на 8 или 9 години и тоа траело се до неговата 14. година. Во тоа време татко му сметал дека комбинацијата на тенис и ракомет е многу добра за развивање на различни на телото. Селекторот на женската репрезентација на Норвешка, Торир Хергеирсон го видел Халанд на теренот и сакал тој да стане ракометар, а тоа го потврдил и во интервју кога истакнал дека има голем спортски талент.

Но кај Халанд преовлада фудбалот, како што вели „Мислам дека направив добар избор, да, можам да кажам дека играв многу добро ракомет но искрено добро се снајдов во фудбалот и ми се допадна“. Исто така местото каде што пораснал влијаело на неговата одлука, во градот Брунет сите играле фудбал, тој бил спорт број еден и многу надежни ракометари од градот станале фудбалери. Веројатно тоа што татко му бил фудбалер влијаело и на Халанд да продолжи со тој спорт. Тој вели дека најчесто гледа фудбал и ракомет но само кога ќе играат норвешките тимови или репрезентации.

И покрај тоа што отиде во друг правец несомнено е дека Халанд одлично би се снашол во ракометот и би играл на највисоко ниво. Тоа му го дозволуваат и неговите физички предиспозиции, има 194 сантиметри, брз, не се плаши од контакт и дополнителна предност би му било што е левак. Можеби конкуренцијата во репрезентацијата е голема, тука се Магнус Род, Робин Тонесен, Харалд Рајнкинд и Еивинд Танген но Халанд сигурно би бил на вакво ниво.