Шоштариќ по 12 години заминува од Локомотива Загреб?

Романскиот тим Глорија Бистрица во изминатиот период беше во потрага по нов тренер на екипата откако раководството на клубот одлучи да ја прекине соработката со Ким Расмусен поради лошите резултати во домашниот шампионат.

Според извори на „sportulbistritean“ во игра се две звучни имиња за преземање на тренерската функција во клубот кој што има голем буџет, но слаби резултати. Потенцијални кандидати се поранешниот репрезентативец на Романија, Хорациу Пашка, како и селекторот на женската репрезентација на Хрватска, Ненад Шоштариќ.

Пашка во својата кариера има работено како тренер во екипата на Глорија Бистрица, па поради тоа, фановите на овој клуб имаат голем респект кон него. Во периодот од 2013 до 2014 година беше тренер на Клуж. Две години работеше и како асистент во женската репрезентација на Романија.

Актуелниот тренер на Локомотива Загреб, Ненад Шоштариќ, има богата тренерска кариера, a oд 2009 година со мал прекин е на клупата на овој тим. Најголемиот успех го направи со репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство 2020 година. Заедно со неговите избранички го освоија третото место и беа најголемото изненадување.

Одлуката кој ќе биде нов тренер во Глорија Бистрица би требало да се знае пред почетокот на новата година. Глорија Бистрица во романскиот шампионат после девет одиграни кола се наоѓа на 9. позиција на табелата.