ШОК за Алборг, ГОГ Гудме по 15 години стана шампион на Данска! (ВИДЕО)

Милионскиот проект на Алборг остана без шампионската титула откако во вториот финален натпревар загуби на домашен терен од новиот дански шампион, ГОГ Гудме, со резултат 26:27 (16:13). Првиот натпревар од финалето за шампионската титула заврши нерешено, 25:25.

Ракометарите на Алборг можеа да дојдат до реми, но во последните секунди не успеаја да организираат сигурен напад. Тоа значеше голема радост за екипата на ГОГ Гудме, која по 15 години ја врати шампионската титула во свои раце.

ГОГ Гудме последен пат беше шампион на Данска во 2007 година. Со освоената шампионска титула клубот избори директно учество во Лигата на шампионите.

Алборг ќе мора да се надева дека ќе добие една од шесте вајлд-карти што ги доделува ЕХФ за настап во европската елита. Во следната сезона во богатиот дански проект ќе пристигне и ракометната звезда, Микел Хансен.