Шкуринскиј опериран, нема повеќе да заигра за Мешков Брест

Рускиот репрезентативец Александар Шкуринскиј кој настапува на левата бековска позиција во екипата на Мешков Брест ја заврши сезоната порано од очекуваното. Тој се повреди на дуелот со Мотор Запорожје и настапите за него во тимот од Белорусија се завршени.

Шкуринскиј ги скина предните вкрстени лигаменти, повреда која ќе го одалечи подолг период од терените, а секако сезоната е завршена за него бидејќи веќе беше опериран. Тој од летото 2021 има договор со Нант па така следниот натпревар ќе го игра во нов клуб.

Русинот кој може добро да се снајде и на среден бек во Мешков пристигна од Краснодар и многу брзо стана еден од главните играчи во тимот. Неговата повреда е голем хендикеп за шампионот на Белорусија на кој му претстои реванш натпреварот од Лигата на шампионите против Мотор.

Александар Шкуринскиј е дел од репрезентацијата на Русија од 2015 година, а со своите одлични игри еден период беше мета и на Вардар, но сепак не дојде до тој трансфер бидејќи тој го продлжи договорот со Мешков.