Шведска ја надигра Холандија и го освои петтото место на ЕП!

Репрезентацијата на Шведска го освои петтото место на Европското првенство 2022, откако во натпревар без резултатско значење го совлада светскиот првак од 2019, Холандија, со резултат 37:32. Двете репрезентации веќе обезбедија пласман на Мундијалот 2023, па така на овој дуел немаше многу возбудувања и неизвесност.

Првиот дел од борбата за петто место мина доста ефикасно, беа постигнати 37 погодоци и тоа доволно говори дека и двете репрезентации играа речиси без одбрана. Избраничките на Томас Акснер беа доминантни во првите 30 минути и по нерешените 4:4 постигна четири гола во низа, се одлепија на 8:4 и до крајот на првиот дел беа во резултатска предност.

Холандија се обидуваше да фати ритам, но селекторот Пер Јохансон не можеше да ја пронајде идеалната постава, која ќе може да и парира на разиграната скандинавска репрезентација. Шведска кон средината на првото полувреме ги имаше највисоките дотогаш пет гола разлика, 12:7, потоа како одминуваше времето така ја зголемуваше предноста, имаше и 19:11, додека на полувреме замина со активен резултат од 21:16.

Ниту во вториот дел ,,лалињата” не можеа да дојдат до израмнување и во најголемиот дел заостануваа на четири до пет гола негатива. Репрезентацијата на Шведска ги имаше расположените Хагман, Робертс, Карлсон, како и голманката Риде и по десет минути игра во второто полувреме водството на Шведска беше 27:22.

Ништо не се промени ниту во останатиот период од дуелот. Во финишот Холандија се доближи на 31:28, можеше да дојде и до помала негатива, но составот на Акснер не дозволи целосен пресврт и рутински ги одработи последните десет минути за освојување на 5. позиција на Европското првенство.

Одлична партија во дресот на Шведска имаше Натали Хагман со девет гола од исто толку обиди. Во таборот на Холандија се истакнаа Кели Дулфер, Ангела Малештајн и Мерел Фрерикс, кои имаа по пет реализации.