Шведска не го издржа притисокот, Норвешка на чекор од полуфинале

Второто скандинавско дерби на Европскиот шампионат им припадна на Норвежанките кои ја совладаа Шведска со резултат 27-25 (13-13). Шведска имаше предност и ја диктираше играта во поголемиот дел од натпревар, но искусниот норвешки состав се потпре на својот индивидуален квалитет и трпеливо ја чекаше својата шанса која ја искористи во финишот на натпреварот.

Во дерби дуелот од првото коло на главната фаза во група 1, Шведска од самиот почеток имаше предност од гол или два, Норвешка ја бркаше негативата во воведниот дел, но од средината на полувремето комплетно се врати во игра, па ја презема и контролата врз резултатот. Норвешка играше одлично дури и со играч помалку на терен во тие моменти. Сепак важноста на скандинавското дерби не дозволи Норвешка бргу да ги реши дилемите околу победникот. Шведска постојано беше во чекор со актуелните шампионки, а во финишот на првиот дел Болм израмни на 13-13, резултат со кој се заврши првиот дел.

По полувремето Шведска се врати во водство, кое повторно се искачи на највисоки два гола разлика, но Норвешка беше постојано на чекор од Шведска. Една грешка, непрецизен удар, одбрана на голман… ја менуваа рамнотежата на теренот и на семафорот. Ако Шведска беше репрезентацијата која го диктираше темпото во првиот дел и почетокот на вториот, Норвешка во средина на второто полувреме со пресврт дојде до првите “плус два” на овој дуел (20-18 44′).

Во последните десет минути Норвешка влезе со предност од два разлика и напад за три. Одличната норвешка голманка Лунде и нервозата кај Швеѓанките им овозможи на актуелните шампионки да дојдат до “плус три” 25-22 во 54 минута. Разлика која ја задржаа до самиот крај, благодарение на нереализираните шанси на Шведска, меѓу кои и промашениот седмерец на Болм. На крајот по шеесет одиграни минути Норвешка се радуваше на победа со резултат 27-25.

Најпрецизни кај Норвешка беа Реистат со 7, Ингстад со 6 како и Морк и Офтедал со по 4 голови. Карлсон ја предводеше листата на стрелци во Шведска со 9 голови, Болм беше прецизна 7, додека Робертс и Хагман постигнаа по 3 погодоци.

Норвешка е на чекор од пласман во полуфиналето на Европското првенство, а за тоа да се случи им е потребен само бод од наредните два натпревари.