Швајцарците од септември ќе се подготвуваат за Македонија

Машката репрезентација на Швајцарија во периодот од 7 до 9 септември ќе го има првиот собир како подготовка за квалификациските дуели кои се планирани за ноември.

Швајцарците ќе имаат три дена за заеднички тренинзи во Шафхаузен, а на 8 септември ќе одиграат контролен натпревар против бундеслигашт Ерланген зад затворени врати.

На овој репрезентативен собир селекторот Михаел Сутер повика 18 ракометари и сите се од домашното првенство. Интернационалците се ослободени од овој собир кој е закажан надвор од предвидените термини на ЕХФ.

Ќе бидат организирани тренинзи за сите голмани на младинските репрезентации, како и ракометари од помладите категории со цел откривање на нови талентирани играчи.

Според распоредот квалификациите за Европското првенство 2022 треба да започнат на 4 ноември, а дуелот на Швајцарија и Македонија е во второто коло и ќе се игра во градот Цуг. Овој натпревар ќе се игра на 7 ноември.