ЧСМ Букурешт ја бара Вјахирева – и нуди месечна плата од 20.000 евра

Екипата на ЧСМ Букурешт, која не успеа да ја одбрани шампионската титула во Романија и вторпат по ред не обезбеди пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите, за следната сезона планира во своите редови да ја донесе ракометарката од Русија, Ана Вјахирева, пренесува романскиот портал „Fanatik.ro“.

Поранешниот европски шампион за следната сезона има буџет од околу 3,5 милиони евра, доволно за создавање на еден дрим-тим, кој ќе атакува на висок пласман во Европа. Клубот пред извесен период ја ангажираше ракометарката од Мец, средниот бек, Грас Заади и кружниот напаѓач на романската репрезентација, Крина Пинтеа.

За десниот бек на Ростов Дон интерес покажал и актуелниот европски шампион, Вајперс Кристијансад, но челниците на ЧСМ Букурешт на Вјахирева и понудиле месечна плата од 20.000 евра. Истата месечна плата во ЧСМ Букурешт ја заработува и звездата на романскиот ракомет, Кристина Неагу, додека месечната плата на репрезентативките на Франција, Грас Заади и Калидиату Ниакате изнесува 18.000, односно 12.000 евра.

Новиот романски шампион, Рапид Букурешт, обезбеди директно учество во Лигата на шампионите. ЧСМ Букурешт се надева дека преку вајлд-карта ќе добие место меѓу најдобрите европски клубови. Освен Заади, Пинтеа и Ниакате, романскиот вицешампион за следната сезона ги ангажираше и Марија Судакова од ЦСКА Москва и Евелина Ериксон од Вајперс Кристијансад. Пред потпис со романскиот клуб е голманката од Ѓер, Лора Глосе.