Чаир го надигра Металург и остана во игра за титулата

Екипата на Чаир во натпревар од 3. коло од суперлигашкиот плеј-оф славеше победа над Металург со 35:28.

Чаир со освоената победа останува во игра за титулата. Сега тимот на Љатифи дојде до 21 бод, додека актуелниот лидер Ѓорче Петров моментално има три бода повеќе од Чаир, односно на свое конто има 24 бода.

Металург на овој дуел успеа само во воведниот дел да израмни на 4:4 и во текот на целиот натпревар беше во негатива. Голем хендикеп за Металург беше отсуството на Ива Младеновска.

Чаир стартуваше фуриозно, поведе со 3:0, за момент дозволи тимот од Автокоманда да израмни на 4:4, постигна четири гола во низа, се одлепи на 8:4 и до крајот беше чекор пред ривалот.

Домашниот тим во последниот дел од првото полувреме преку расположените Гулицоска, Ѓеоргиевска и Рахмани целосно го надиграа составот на Дамчевска и како одминуваше времето растеше предноста за избраничките на Љатифи.

Чаир од максималните плус четири гола разлика кои ги имаше во првите 15 минути, стигна до ,,плус пет” 13:8 во 20 минута, искористи дел од грешките на ривалот и во 22 минута го постави највисокото водство од седум гола разлика, 15:8.

Металург немаше многу сили во финишот од првото полувреме, но успеа да стопи дел од предноста на домаќинот. Чаир по одличната игра во првото полувреме, на пауза замина со активен резултат од 19:14.

Продолжението од дуелот стартуваше со голот на Трајковиќ, која намали на 19:15. Ракометарките на Чаир до последниот период никако не дозволуваа Металург да се доближи, иако во неколку наврати гостинките стигнаа до три гола негатива, сепак, до 50 минута не успеаја да пријдат поблизу од два гола децифит.

Чаир во второто полувреме најчесто водеше со три до четири гола разлика и во последните десет минути се опушти. По водството на Чаир од 29:25, тимот на Металург постигна два гола во низа намалувајќи на 29:27. Тоа беше последниот обид на поранешниот македонски шампион бидејќи Чаир се консолидира и со неколку лесни погодоци ја завери победата.

Најефикасна во победничката екипа беше Теодора Гулицоска со седум погодоци, по шест реализации имаа Стефанија Ѓеоргиевска и Сашка Филипоска, пет гола додаде Љеонара Рахмани.

Во тимот на Металург се истакнаа Мила Трајковиќ и Михаела Кралева со по седум погодоци.