Цел тим во карантин, новите репрезентативки се запознаваа преку ZOOM на ден пред натпревар!

Женската репрезентација на Шведска се соочува со огромни проблеми пред реванш натпреварот од баражот за Светското првенство со Украина откако во екипата се појави случај на коронавирус.

Неколкуте случаи на заразени со Ковид-19 значеа дека ниту една ракометарка ниту членови на стручниот штаб кои беа на натпреварот во Украина нема да бидат во тимот на возвратниот дуел.

Раководството на федерацијата на Шведска реагираше брзо и состави нов тим од 14 ракометарки од кои половина се дебитантки во националниот дрес. Голем дел од ракометарките не се познаваат, но ќе се обидат да ја сочуваат предноста од првиот меч кога победи Шведска со 28:14.

Веднаш по објавувањето на новиот список за дуелот со Украина, 12 од 14 ракометарки се приклучија на состанокот преку видео конференција во пресрет на натпреварот. Ова го искористија како можност и да се запознаат пред да излезат на теренот и да играат заедно, со оглед на тоа што голем дел се за првпат во дресот на репрезентацијата.

И покрај тоа што Шведска ќе игра со сосема нов состав не се очекува изненадување бидејќи од првиот натпревар имаат огромна залиха од 14 гола. Натпреварот се игра со почеток во 18:10 часот.