Француската легенда го одигра последниот танц (ФОТО)

Поранешниот француски репрезентативец, Мишел Гигу, кој остави голем белег во францускиот ракомет, својата играчка кариера ја заврши на 40 години. На поранешниот член на Ним и Монпелје, му беше организиран проштален натпревар.

На прошталниот натпревар на Гигу присуствуваа голем број на сегашни и поранешни играчи на машката и женската репрезентација на Франција. Меѓу присутните беа и Никола Карабатиќ, Тјери Омејер, Даниел Нарсис, Венсан Жерар, како и двете поранешни ракометарки на Вардар, Амандин Лејно и Сираба Дембеле, кои го испратија трикратниот олимписки шампион во ракометна пензија играјќи ракомет на отворено.

Гигу беше член на златната генерација на Франција, која со години доминираше на светската и европската ракометна сцена. Заедно со Тјери Омејер и Никола Карабатиќ, тој е најуспешниот француски репрезентативец, со десет златни медали што ги има освоено на големите првенства од 2006 година.

Во својата богата кариера со француската репрезентација трипати го освои златото на Олимписките игри во 2008, 2012 и 2020, и со тоа ќе остане како еден од 18-те француски спортисти кои освоиле најмалку три златни медали на Олимписките игри.

Од почетокот на неговата кариера, па сѐ до 2019 година настапуваше за Монпелје, додека во последните три сезони играше за екипата на Ним. Со Монпелје двапати ја освои Лигата на шампионите, сезона 2002/03 и 2017/18.