Франција трета земја со двојна олимписка круна, другите две земји веќе не постојат

Со победата на женската селекција на Франција во финалето против Русија, оваа земја освои двојна ракометна круна на Олимписките игри, а со тоа стана и само третата земја на која и успеало во двете конкуренции на иста Олимпијада да дојде до златните медали.

Оваа двојна круна дојде практично со двоен реванш против ривалите од кои загубија пред пет години во Рио. Прво машката селекција вчера ја совлада Данска со 25:23. Денеска дамите беа подобри од Русија со 30:25.

Ваквиот епилог на ракометните турнири ја сместија Франција во историјата на Олимписките игри. Тоа е само третата земја која успеала да се избори за титули и кај мажите и кај дамите на иста Олимпијада. Претходно ова се случило само двапати.

Првпат тоа беше во 1976 на игрите во Монтреал во Канада. Тогаш машкиот состав на СССР ја совлада Романија со 19:15, додека женската селекција беше првопласирана во групата пред Источна Германија и Унгарија. Тоа беше деби за женскиот ракомет на Олимписките игри, а на првите четири учества се играше само групна фаза и учествуваа само шест репрезентации.

Втората земја на која и успеал ваков подвиг беше поранешна Југославија на игрите во Лос Анџелес во 1984 година. Феноменалната генерација во која лидер беше актуелниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ дојде до голема победа против Западна Германија со 18:17. Дамите, пак, предводени од Светлана Китиќ беа првопласирана во групата со шест репреентации. Зад Југославија завршија Јужна Кореја и Кина.