Франција го потврди четврфиналето, Лекаи донесе победа за Унгарија

Репрезентацијата на Франција со победата 41:29 (18:14) против Иран го потврди пласманот во четвртфиналето и во недела во директен дуел со Шпанија ќе решаваат за првото место во групата 1 од главната фаза што се игра во Краков.

Очекувано селекторот на „триколорите“ Жил некои од клучните играчи не ги ни пријави за дуелот со Иран, па така и Никола Карабатиќ се најде на трибините, а голманот Жерар остана на клупата. Но, тоа не беше пречка за Франција да дојде до очекуваната победа. Дуелот во Краков го одбележа и моментот во 14.та минута кога поради повреда на еден од судиите браќата Коњичанин од Босна и Херцеговина дојде до замена и натпреварот потоа го судеа Хрватите Милошевиќ и Губица.

Во вториот дел Французите во 43.минута стигнаа и до двоцифрена предност – 29:19, а до крајот само рутински го завршија натпреварот. Селекторот на Иран Вујовиќ безуспешно се обидуваше да ги мотивира своите играчи. Најефикасни на дуелот беа Турна и Брие од Франција со по 6 голови.

На натпреварот во Гетеборг меѓу Бразил и Унгарија беше резултатски неизвесно, а победа постигна Унгарија со 28:25 (14:14). Унгарците подобро го „отворија“ дуелот и имаа водство во најголемиот дел од првиот дел, а највисоко водство беше +5 (9:4). Но, „кариоките“ со стрплива игра стигнаа до изедачување 13:13 и 14:14, благодарение и на серијата одбрани на голманот Терцариол.

Унгарците повторно подобро го почнаа полувремето и стигнаа до пет голови позитива – 24:19. Во финишот повторно возбудувања. Унгарците повеќе од шест минути немаа постигнато гол, а при резултат 25:24 голманот на Унгарија Миклер одбрани контра на противникот. Лекаи во следниот напад ја прекина серијата без гол за 26:24. Бразил повторно не реализираше, а на другата страна Лекаи постигна уште еден гол, до крајот на натпреварот Лекаи постигна уште еден гол од седмерец – вкупно седми со што беше и најефикасен на дуелот. Ова беше седма победа за Унгарија во сите седум меѓусебни дуели со Бразил

На дуелот од Президент купот Јужна Кореја ја победи Саудиска Арабија со 34:23.