„Фаворити сме на хартија, но Куманово е незгоден ривал“

Овој викенд ќе стартува 2. коло од плеј-аут фазата во македонската елита.

Ракометарите на Струга на свој терен силите ќе ги одмерат со тимот на Куманово, кој пред стартот на вториот дел од сезоната се засили со неколку ракометари.

Струга во првото коло во борбата за опстанок беше убедливо поразена на гостувањето во Скопје против истоимената екипа.

Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски очекува сигурна победа против незгодниот тим на Куманово, кој во првото коло беше подобар од Јуниор КВ.

,,За натпреварот против Куманово фаворитската улога ја имаме ние, бидејќи во регуларниот дел од сезоната на двапати ги победивме. Играме пред својата публика, која секогаш e нашиот осми играч, ќе настапиме во полн состав, се врати Лазаревиќ, па очекуваме победа. Сепак, ќе треба да се одработи максимално, тимот на Куманово не е за потценување, донесе неколку квалитетни засилувања. Очекувам добра игра од двете страни, но ние ќе дадеме сѐ од себе да докажеме дека поразот во Скопје беше само еден лош ден”, изјави Ферукоски.

Натпреварот меѓу Струга и Куманово се игра во сабота, 11 февруари, со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Нико Нестор“.