Уште еден Французин доаѓа во Скопје и ќе игра за Вардар

Шампионот на Македонија, Вардар се наоѓа пред финализација на уште еден трансфер со што ќе се засили позицијата лев бек. Французинот кој има 27 години, Бакари Дијало се наоѓа пред потпис за „црвено-црните“ така што би требало наскоро да биде објавен трансферот на играчот на Трембле.

Дијало е играч кој целата своја кариера ја има минато во Франција. Тој од 2013 до 2019 година го носеше дресот на екипата на Понто Комбо. После шест сезони во овој тим направи трансфер во Трембле каде што настапуваше во последните две години.

Станува збор за играч кој настапува на позицијата лев бек кој сезонава одигра 24 средби за Трембле, а постигна 35 гола. Има процент на реализација од 61,4 проценти, а игра во двата правци.

Претходно во сезоната 2019/20 на 18 натпревари имаше 38 гола и процент на успешност при шутот кон противничкиот гол од 62,3 проценти. Ракометарот располага со добар удар од далечина, но и со добра финта и лесен и брз пробив до линијата од шест метри така што во Вардар би донел малку поинаков стил.