Успешен старт за Египет и Парондо – „фараоните“ ја наполнија мрежата на Португалија

Репрезентацијата на Египет со победа ги започна Олимписките игри во Токио откако во првиот натпревар во рамките од Б групата беше подобар од репрезентацијата на Португалија со 37:31.

Португалија го отвори натпреварот со водство од 1:0 преку Гомес, но по неколку секунди, Мохамед Ахмед беше успешен за 1:1. Во стартната постава на Египет беше и екс голманот на Пелистер, Карим Хендави. По седум минути игра, Египет имаше солидно водство од 4:2.

Египет беше репрезентацијата која ја контролираше играта во првата половина од првиот дел и не дозволуваше португалската селекција да се врати во игра. По петнаесетина минути игра, водството на египетската репрезентација беше 8:7.

Избраниците на Пауло Жорге Переира израмнија на 10:10 и во последните пет минути и двете репрезентации пропуштија неколку обиди за создавање на своја предност. Десниот бек на Египет, Јахја Омар со гол од слободен удар ги постави конечните 15:15 по 30. минути игра.

Вториот дел беше понеизвесен од првиот и имаше борба за секоја топка. Се играше гол за гол, а репрезентацијата на Египет одржуваше водство од еден разлика. Сепак, ниту една од двете репрезентации не успеа да направи поголем чекор и да се одлепи на повисока предност. Премногу избрзаните шутеви и пропуштени акции, беа причина за поголемата неизвесност во првите пенаесетина минути од вториот дел.

Во 45. минута, Египет конечно дојде до два разлика, 27:25, а две минути подоцна имаше и три гола предност, 28:25. Разликата постепено растеше во корист за Египет и ракометарите на Португалија немаа веќе сили да им парираат на „фараоните“. Победникот беше јасен на пет минути пред крајот кога Египет имаше предност од 34:28.

Најефикасен во победничката репрезентација беше Ахмед Мухамед со седум гола, додека во составот на Португалија, Жоао Фераз беше стрелец на шест гола.