Унгарија прва ги реши квалификациите и обезбеди Мундијал

Репрезентацијата на Унгарија одработи добар натпревар на реваншот против Италија и се избори за уште една победа овој пат од 41:12 со што го комплетираше баражот за СП и го обезбеди пласманот на Мундијалот во Шпанија.

Унгарките во петокот ја совладаа Италија со 46:19, а уште тогаш беше јасно кој оди понатаму односно кој ќе се пласира на Светското првенство. Денеска беше само комплетиран дуелот со нова висока победа така што Унгарија им се приклучи на селекциите кои директно веќе имаат обезбедено пласман.

Досега на Мундијалот место имаа обезбедено Шпанија како домаќин, Холандија како последен светски првак, како и полуфиналистите од последното ЕП: Хрватска, Данска, Франција и Норвешка. Унгарија стана седмиот учесник, а уште девет селекции ќе бидат познати в среда.

Африка ќе има четири репрезентации на овој шампионат, а квалификациите се играат од 8 до 18 јуни во Камерун. Северна Америка добива едно место, а квалификациите се играат во САД од 23 до 27 август.

Азија ќе ги организира квалификациите од 21 до 30 септември, но уште нема домаќин. Место ќе има за шест земји. Јужна и Централна Америка, пак, ќе имаат три, а таму уште нема ниту домаќин ниту датум за квалификациите.

Останува неизвесно дали Океанија ќе има место или не. Од тоа зависи и дали ќе бидат доделени една или две валјд-карти.