Украинците се откажаа од најискусните – на ЕП ќе дебитира синот на екс македонски репрезентативец

Репрезентацијата на Украина во Запорожје ги започна подготовките за настап на Европското првенство 2022 кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка. На подготовките повикани беа 24 ракометари од страна на селекторот Михаел Биглер.

Освен подготовките, во текот на јануари ракометарите на Украина ќе одиграат неколку пријателски натпревари на турнир во Винтертур и таму ќе имаат силна проверка пред почетокот на Европското првенство.

Пријателските натпревари во Винтетур ќе бидат против репрезентациите на Швајцарија, Црна Гора и Португалија. Последните две репрезентации, исто така се учесници на Европското првенство во Унгарија и Словачка, додека репрезентацијата на Швајцарија нема да настапи на континенталниот собир.

Биглер ниту на поширокиот список не ги вметна искусните Владислав Остроушко и Олександр Шевелев, а во споредба со ЕП 2020 ги нема ниту крилата на Мотор, Захар Денисов и Артем Козакевич.

На скратениот список се најде и левиот бек на Мотор Запорожје, Игор Турченко, кој ќе дебитира на големо натпреварување за сениорскиот национален тим. 21-годишниот син на поранешниот македонски репрезентативец и играч на Младост, Сергеј Турченко, имаше веќе два настапи за сениорите во квалификациите за ЕП.

Украина на Европското првенство е во Групата Ц, а нејзини противници ќе бидат репрезентациите на Србија, Хрватска и Франција.