Тренерот и четири ракометари на Прилеп на камп на поранешен селектор на Македонија

Горан Кузманоски, кој е поранешен репрезентативец на Македонија и актуелен тренер на Прилеп заедно со четворица ракометари на овој тим се наоѓа на кампот „Handball4all“ во Кладово во Србија, а истиот е под водство на поранешниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, Драган Ѓукиќ.

Кузманоски е гостин на овој камп и ќе може да присуствува на предавањата кои ќе ги имаат добро познати и врвни стручњаци. Тој ги предвои младите ракометари Стефан Христовски (голман), Сашко Манчески (пивот), Владимир Трајкоски (среден бек) и Христи Бикоски (лево крило). Првите тројца беа на поширокиот список на Лазаров за ЕХФ шампионатот, додека Манчески се најде и на скратениот. Трајкоски е меѓу играчите кои се резерви.

На овој камп или официјално академија предавачи ќе бидат: Ненад Шоштариќ (Хрватска), Драган Аџиќ (Црна Гора), Клаус Фелдман (Германија, предавач на ИХФ/ЕХФ), Михајло Радосављевиќ (Србија, тренер на голмани), Александар Петровиќ (Србија, кондициски тренер), Бојана Јелилиќ (Србија, психолог) и гостинот од Хрватска, Игор Вори.

Кампот стартуваше вчера, а ќе трае до недела и секако ќе биде одлична можност за младите ракометари да научат многу работи од врвните ракометни стручњаци.