Требаше да дојде во Бутел Скопје, но потпиша петгодишен договор со Келце!

Нигерискиот репрезентативец Фарук Јусуф, кој настапи на Светското првенство за кадети во Македонија минатата година, потпиша договор на пет сезони со полскиот шампион Келце.

16-годишниот десен бек кој беше меѓу најдобрите стрелци на Мундијалот, беше посакуван од неколку македонски екипи, и потпиша договор ланското лето со Бутел Скопје.

Тој трансфер сепак не се реализираше и Јусуф не се врати во Македонија.

„Јусуф ќе треба да ги помине лекарските прегледи, па дури потоа договорот ќе стапи на сила. Во Келце, тој ќе тренира со првиот тим, а клубот исто така ќе се грижи за неговото образование. Се радувам што ќе му дадеме шанса на ова момче да се развива. Верувам во него и верувам дека со Талант Душебаев, тој ќе прерасне во одличен играч“, вели претседателот на Келце, Бертус Сервас.

Покрај Јусуф, на десната бековска позиција во Келце ќе играат и Алекс Душебаев и Бранко Вујовиќ, како и ветеранот Лијевски, кој ќе ја игра последната сезона во кариерата.