„Трговецот со дијаманти“ пак ќе инвестира во ракомет – ќе има нов дрим-тим?!

Данскиот бизнисмен Јеспер Каси Нилсен, кој своевремено беше спонзор на тимот на АГ Копенхаген, по десетина години ќе се врати во ракометот.

АГ Копенхаген беше вистински дрим-тим со Микел Хансен, Гудјон Валур Сигурдсон, Каспер Хвит, Јоаким Болдсен, Никлас Екберг, браќата Тофт Хансен…Овој состав беше заедно само две сезони и се распадна во 2012, откако Нилсен реши да го прекине финансирањето.

Причина за тоа беа судските спорови против него за затајување данок во Данска, па „трговецот со дијаманти“ како што го нарекуваат Нилсен, замина да живее во Шпанија.

На тие спорови им дојде крај, а Данецот на социјалните мрежи напиша дека повторно ќе инвестира во ракометот (Копенхаген) и во фудбалот (Брондби).

АГ Копенхаген играше на завршниот турнир во Лигата на шампионите во сезоната 2011/12 и го освои третото место со победата над Фуксе Берлин, а претходно беше елиминиран од Атлетико Мадрид. Хансен, Гудјонсон и Екберг беа во ТОП 5 листата на стрелци во елитното натпреварување.