ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Вујовиќ повторно во Шпанија, соиграч на Митревски се враќа во Данска!

  • Репрезентативецот на Црна Гора, Филип Вујовиќ, кој во првиот дел од оваа сезона настапуваше во босанскиот суперлигаш Извиѓач, во остатокот од натпреварувачката сезона 2022/23 ќе настапува за Бенидорм од Шпанија. Новиот клуб на Вујовиќ освен во Асобал лигата се натпреварува и на европска сцена, односно во Лига на Европа. Вујовиќ најголемиот дел од својата кариера ја мина токму во Шпанија и пред да се пресели во БиХ играше за екипите на Фригорификос Моразо и Херол Нава.
  • Соиграчот на Никола Митревски во Порто, Себастијан Франдсен по завршувањето на сезоната ќе се врати во Данска, пренесува данската телевизија ТВ2. Искусниот голман, кој во минатата сезона од Холстебро пристигна во Порто, најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во екипата на Фредериција. Франдсен во својата кариера бранеше и за тимовите на Есбјерг и Бјеринбро Силкеборг. Во кариерата има забележано настапи за младинските селекции на својата татковина. Во 2013 година има златен медал на Светското првенство за кадети, а тогаш е прогласен и за најдобар голман на турнирот.
  • Амбициозниот тим на Рапид Букурешт продолжува да се засилува за следната сезона. Нова ракометарка во романскиот шампион е репрезентативката на Шпанија, левиот бек Лара Гонзалез Ортега, која во редовите на Рапид Букурешт ќе пристигне од екипата на Париз. Раководството на Рапид Букурешт претходно ја ангажираше и ракометарката од Мец, Лаура Канор.
  • Екипата на Сесон, која се бори за пласман меѓу најдобрите пет екипи во францускиот шампионат, соопшти дека потпиша професионален договор со младиот ракометар Матео Бриф. 22-годишниот лев бек со раководството на францускиот суперлигаш постигна договор, кој ќе биде со важност до јуни, 2026 година.
  • Десното крило на репрезентација на Шпанија, Мамаду Гасама Сисоко го продолжи договорот со Спортинг Лисабон. Според информациите од португалскиот клуб, екс членот на Граљолерс ќе продолжи да ги брани боите на клубот. Шпанецот во Спортинг пристигна минатата сезона и му помогна на клубот да го освои Купот на Португалија.