„Трансферите на Дмитриева и Вјахирева може да се споредат со оние на Меси и Роналдо“

Европскиот шампион Вајперс Кристијансад успеа во своите редови да ја донесе една од најдобрите ракометарки од Русија, Ана Вјахирева, која на своја адреса имаше и богата понуда од ЧСМ Букурешт, но искусната ракометарка одлучи во следната сезона да го носи дресот на актуелниот шампион на Европа, откако не го продолжи договорот со Ростов Дон.

Освен Вјахирева, уште една ракометарка од Русија направи трансфер во Европа. Довчерашната колешка на Сара Ристовска од ЦСКА Москва, Дарија Дмитриева, ги засили редовите на словенечки Крим Меркатор и таму ќе настапува на позајмица.

Доколку останеа во својата татковина ќе играа само во домашниот шампионат, со оглед на тоа дека ЕХФ ги суспендираше руските и белоруските клубови поради ситуацијата во Украина.

Претседателот на ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев, на гостувањето на руската телевизија „Матч ТВ“ ги коментираше направените трансфери на Вјахирева и Дмитриева во Вајперс Кристијансад, односно Крим Меркатор.

,,Овие направени трансфери на Вјахирева и Дмитриева може да се споредат со трансферите на Меси и Роналдо. Меси, односно Вјахирева ќе игра во еден странски клуб од Лигата на шампионите, а Роналдо, односно Дмитриева во друг. Ќе биде многу интересно…Секако, ова е голема загуба за руското првенство, но ќе можеме да ги гледаме нашите репрезентативки во натпреварите со најдобрите светски ракометарки”, изјави Шишкарев.

Ана Вјахирева потпиша за европскиот шампион!