Томовски со десетка во тесниот пораз против Мелсунген

Екипата на Мелсунген во натпревар од Бундес лигата беше подобра од Лудвигсхафен со 25:23 и освои важни бодови за поголем напредок на табелата.

Иако тимот на Мартин Томовски беше во водство скоро во текот на целиот натпревар, Мелсунген во последните седум минути од натпреварот направи пресврт и дојде до посакуваната победа.

Голманот на репрезентацијата на Македонија, Мартин Томовски беше во добра форма. Младиот голман во минутите кои ги помина меѓу стативите успеа да забележи десет интеревенции.

Лудвигсхафен во моментов се наоѓа на 17. место во Бундес лигата со освоени 19 бодови. На Мартин Томовски и неговите колеги им се потребни уште најмалку две победи за да ја избегнат опасната зона од преселба во втората Бундес лига.