Тимур Дибиров потпиша нов договор со Вардар!

Рускиот интернационалец Тимур Дибиров, и во новата сезона ќе го носи дресот на двократниот европски шампион Вардар. Дибиров потврди за 24Ракомет дека потпишал нов договор со „црвено-црниот“ тим, кој е со важност од една година.

Наредната сезона ќе биде деветта за него во Вардар, а руското крило во осумгодишниот престој во Скопје освои две титули во Лигата на шампионите, четири во СЕХА лигата, пет во Суперлигата, пет во Купот на Македонија и три во Суперкупот.

Дибиров заедно со капитенот Стојанче Стоилов, е играч со најдолг стаж во „црвено-црниот“ дрес. Тој е лидер на вечната листа на вардарови стрелци во ЛШ и досега постигна 585 погодоци во елитното натпреварување, а исто така и по бројот на настапи – има одиграно 128 меча.

Од оние ракометарии чии договорни обврски истекуваа на крајот на оваа сезона, договорите досега ги продолжија Филип Талески и Тимур Дибиров, а досега официјално потврдени засилувања се десното крило Дарко Ѓукиќ, голманот Мартин Томовски, левиот бек Анте Кудуз, левото крило Јан Чувара и десниот бек Едуардо Гурбиндо.