Тиквеш со ново засилување – потпиша Ангелче Органџиев

Тимот на Тиквеш полека го пополнува ростерот пред стартот на новата натпреварувачка сезона, во која клубот повторно ќе атакува на влез меѓу најдобрите четири екипи во суперлигашката конкуренција.

Според информациите на 24Ракомет, тимот на Никола Матлиески ќе биде посилен со левиот бек Ангелче Органџиев, кој вториот дел од минатата сезона го мина во Германија.

Органџиев во Германија го носеше дресот на Цвикау и по одличната партија во германскиот нисколигаш одлучи да се врати во македонската елита.

Искусниот ракометар во најголемиот дел од својата кариера настапуваше за матичниот Радовиш, а беше дел и од Борец, Вардар Јуниор и Прилеп.

Тиквеш за новата сезона ги ангажираше уште Мартин Манасков, Срѓан Мијатвиќ, Јанко Гемаљевиќ, Ани Обина и Мирко Мајиќ.

Клубот од Кавадарци во новата сезона ќе настапува на европска сцена, односно ќе биде единствениот македонски претставник во рамки на ЕХФ Купот.