Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Игор Марковиќ, го објави првиот список на ракометарки откако го презема националниот тим.
Црногорецот ќе смета на 20 ракометарки за настапот на „Трофеј Македонија“ во Охрид што ќе се одржи од 24 до 26 септември во СРЦ „Билјанини Извори“.
Капитенот Сара Ристовска е подготвена за настап откако ги пропушти минатите репрезентативни акции поради повреда, но сега ќе му се стави на располагање на новиот селектор.
На списокот има една повратничка – средниот бек Моника Килдан Јанеска, која игра во одлична форма во дресот на турската Бурса на стартот на новата сезона.
Македонија на „Трофеј Македонија“ ќе биде без левиот бек Марија Јанкуловска и без десниот бек Теодора Дукоска, кои поради повреди ќе го пропуштат овој собир. Ја нема ниту голманката Јована Мицевска Митев, која се врати на терените по паузата за бременост.
Во Охрид покрај Македонија, ќе играат уште селекциите на Србија, Хрватска и Црна Гора, а нашата репрезентација се подготвува за настап на ЕП каде ќе се соочи со Романија, Швајцарија и Норвешка.
Собирот на репрезентативките е во понеделник на 21 септември во 09:00 часот, по што македонската експедиција ќе се пресели во Охрид.

























