Тиквеш се засилува со голман

Mакедонскиот претставник во Европскиот Куп, Тиквеш од Кавадарци, е на добар пат да ја пополни и голманската позиција за новата сезона, во која го очекуваат големи предизвици и на домашна и на меѓународна сцена. Откао избори место во Европа сега тимот од Кавадарци работи на задржување на тимот и пополнување на местата со квалитени играчи.

Според информациите на 24Ракомет, пред потпис со амбициозниот кавадаречки тим е српскиот чувар на мрежата Јанко Гемаљевиќ (28), кој минатите две сезони ги мина на голот на Црвена Ѕвезда. Тој важи за еден од подобрите голмани во српското првенство.

Потекнува од клубот од Белград, а во меѓувреме бранеше и за Раднички Крагујевац, Слога Пожега и Нови Пазар, па ангажманот во Тиквеш би можел да биде прв интернационален предизвик за него.

Кавадарчани останаа без Јагош Брауновиќ, кој се пресели во словенечкиот тим Рико Рибница, па Гемаљевиќ би формирал пар со Марјан Велков кој лани имаше одлични партии на некои натпревари. Од Тиквеш заминаа и бековите Арнад Хамзиќ и Лазар Петровиќ.

Тиквеш досега се засили со левото крило Мирко Мајиќ и десниот бек Ани Обина, а покрај на голманската позиција, кавадарчани веќе имаат пикирано и лев бек, но не е исклучено дека ќе биде донесено уште некое засилување пред стартот на новата сезона.