Тиквеш без црногорскиот голман – Брауновиќ нема работна дозвола!

Тимот на Тиквеш од Кавадарци на стартот на разигрувањето за титулата во македонската Суперлига ќе биде без црногорскиот чувар на мрежата Јагош Брауновиќ, кој не ги одработи ниту подготовките со клубот. Го немаше на ниту еден контролен меч на клубот пред продолжението на првенстовото што почнува викендов.

Црногорецот има проблеми со работната дозвола во Македонија, која не била навремено средена и затоа не беше дел ниту од репрезентацијата на Црна Гора на пријателските средби со Македонија во декември лани.

Тогаш Брауновиќ не добил дозвола за влез во Македонија, и останал дома. Пропаднала можноста да се наметне кај селекторот и дури и да се избори и за место во репрезентацијата на Црна Гора на СП во Полска. Уште во декември на Брауновиќ не му било дозволено да се врати. Добил дури и казна, и процедурата за работна виза почнала од почеток.

Процесот за новата работна дозвола трае се уште поради претходниот пропуст, па тој сигурно нема да биде дел од првиот натпревар против Алкалоид в недела, а доколку се одолговлечи работата, може да ги пропушти и следните натпревари.

Кавадарчани на располагање го имаат Марјан Велков, а за првата средба сигурно ќе сметаат и на чувар на мрежата од младинската екипа. Клубот се пласираше во разигрувањето за титулата во Македонија, и ќе тргне без бодови. Ќе се играат плус 14 кола во плеј-офот.