Татран сензационално го сруши Монпелје, Архус според планот против Мотор

Најголемото изненадување во денешните натпревари во Лига на Европа, кои беа одиграни во терминот од 18:45 часот, направи словачкиот шампион и учесник во СЕХА лигата, Татран Прешов.

Ракометарите на Татран Прешов на свој терен сѐ надминаа себе си и го декласираа тимот на Монпелје, со резултат 35:27.

Со победата над големиот Монпелје, тимот на Татран Прешов остана во игра за пласман во осминафиналето, бидејќи актуелниот бранител на титулата во Лига на Европа, Бенфика беше поразена од Гепинген.

Архус не дозволи изненадување на свој терен и со подобрата игра во вторите 30 минути го доби дуелот против  незгодниот состав на Мотор Запорожје со 33:30.

Прв стрелец во екипата на Архус беше Мортен Јенсен со осум погодоци. Во поразениот табор повторно одлична партија имаше Игор Турченко. Младиот ракометар во мрежата на домаќинот постигна осум гола.

Екипата на Нексе на гостувањето во Унгарија кај Балатонфуреди ја продолжи победничката серија во второто по ранг европски натпреварување, триумфираше со три гола разлика, 31:28.

Хрватскиот вицепрвак, кој во досегашниот тек од сезоната во Лига на Европа забележа само еден пораз, во следното коло со евентуална победа против ,,фенерџијата” во групата Ц, Алпла Хард, би ја обезбедил првата позиција и во осминафиналето би добил полесен ривал од групата Д, во која се наоѓа и македонскиот претставник Еурофарм Пелистер.

Составот на Нексе во победата против унгарскиот тим беше преводен од Џанфранко Прибетиќ, кој постигна седум погодоци, додека неговиот соиграч Лука Мославац петпати се запиша во листата на стрелци.

Кај Балатонфуреди се истакна репрезентативецот на Србија, Стеван Сретеновиќ со осум погодоци, додека на голот Ариан Андо имаше 14 интервенции, кои беа недоволни за поволен резултат на домашната екипа.

ЛИГА НА ЕВРОПА, 8. КОЛО

РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

ГЕПИНГЕН – БЕНФИКА 31:29 (15:18)

ПРЕШОВ – МОНПЕЛЈЕ 35:27 (19:10)

КАДЕТЕН – ВЕСПРЕМ ККФТ 20:45ч

ГРУПА Б

ИШТАД – ФТЦ 35:35 (19:18)

ЕКС АН ПРОВАНС – ФЛЕНСБУРГ 20:45ч

ВАЛУР – БЕНИДОРМ 20:45ч

ГРУПА Ц

БАЛАТОНФУРЕДИ – НЕКСЕ 28:31 (14:16)

СКЈЕРН – АЛПЛА ХАРД 20:45ч

СПОРТИНГ – ГРАЊОЛЕРС 20:45ч

ГРУПА Д

АРХУС – МОТОР 33:30 (15:15)

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – АГУАШ САНТАШ 20:45ч

ФУКСЕ БЕРЛИН – БИДАСОА 20:45ч