Татран Прешов со прва победа во СЕХА лигата

Металопластика и Татран Прешов одиграа ефикасен и доста израмнет натпревар во рамки на 5. коло од СЕХА лигата во групата А. Како побединк од овој дуел излезе гостинскиот тим, Татран Прешов триумфираше со 31:33.

Првите 30 минути беа исклучително ефикасни, десетина минути најчесто се играше гол за гол, а првото повисоко водство го имаше Металопластика во 13. минута кога поведе 11:8. Сепак Татран возврати со серија од 3:0 и брзо израмни.

До крајот на полувремето ниту една екипа не успеа да обезбеди поголема предност, домашниот тим имаше минимално водство со 19:18 на паузата. Долго и во второто полувреме Металопластика го контолираше резултатот, но тоа не беше доволно за мирно продолжение на мечот.

Пресвртот на Татран Прешов започна во последната четвртина на натперварот, гостите поведоа со 26:27 во 45. минута, а во следните пет-шест минути го искористија кризниот период на противникот и направија предност од четири гола во 51. минута. До крај на дуелот Татран немаше поголеми проблеми да го сочува водството и да стигне до првата победа во СЕХА лигата.

Најефикасен во победничкиот тим беше Педро Пачеко со десет погодоци, а покрај него најзаслужни за победата беа и Оливер Рабек и Гиљерме Линарес со по седум гола. Прв стрелец во тимот на Металопластика беше Вукашин Воркапиќ со седум гола, а голманот Милан Бомаштар имаше 12 успешни интервенции.