Татран го потврди четврт-финалето, одново убедлив против Спартак Москва

Ракометарите на Татран Прешов забележаа уште една висока победа над тимот на Спартак Москва овој пат со 32:22 и на тој начин се изборија за пласман во четврт-финалето каде за противник ќе ја имаат екипата на ППД Загреб.

Тимот од Словачка имаше одлична игра од стартот на средбата и не дозволи да има поголеми проблеми. Гостите беа со подмладен состав и беше јасно дека на овој дуел нема да имаат шанса да направат нешто повеќе, па рано се откажаа од шансата за вкупен триумф откако на првата средба загубија со 23:31.

И двете полувремиња денеска завршија со идентичен резултат. Татран Прешов ги доби со по 16:11 така што ова е само показател дека одлично биле распоредени силите во сите 60 минути.

Марио Цвитковиќ на голот на Татран имаше 12 одбрани, додека Оливер Рабек со девет гола беше најефикасниот. Зад него со пет погодоци остана Леон Вучко. Во Спартак Москва, Никита Антономов имаше осум одбрани, додека пет гола постигна Евгени Војниуш.

Татран ќе биде домаќин на првиот дуел против ППД Загреб, а термините за двата дуели ќе бидат дополнително познати.