Тато Питлик на ‘дното’, синот Питлик на врвот!

Покрај Матијас Гидсел, Симон Питлик е уште еден ракометар за кој зборува цел свет по одличниот настап на Светското првенство во Полска и Шведска.

Левиот бек на репрезентацијата на Данска, кој е роден во декември 2000 година, одигра турнир од соништата и го фрли во сенка Микел Хансен.

Членот на данскиот ГОГ Гудме е син на некогашниот тренер на ЖРК Вардар, Јан Питлик, кој на штотуку завршеното СП ја водеше селекцијата на Саудиска Арабија. Со оваа селекција беше на Президент Купот и го освои 29 место, односно четвртото ако броиме од назад. Но сепак човекот што со женската репрезентација на Данска освои шест медали на големите натпреварувања, има на што да биде горд од ова СП.

„Не очекував дека ќе биде вака добар со оглед на тоа што првпат игра вакво важно натпреварување на ова ниво“, вели Јан за синот Симон.

Симон до пред неколку години имаше желба да заигра на Балканот, односно во Вардар, каде што неговиот татко работеше во минатото.

„Додека сите сонуваат да играат во Франција, Шпанија или Германија, мене ми е сон да заиграм на Балканот“, тогаш изјавуваше Симон.

Тешко дека дамнешната желба ќе му се оствари со оглед на тоа што веќе е пикиран од најдобрите светски клубови.