Талевски: Карактерот дојде до израз во Кавадарци, но допрва треба да докажеме дека вредиме како тим

Еурофарм Пелистер 2 славеше минимално со 26-27 во драматичниот натпревар против Тиквеш во Кавадарци.

Со овој триумф избраниците на Александар Јовиќ направија голем чекор напред кон плеј-офот во борбата со останатите екипи.

Средниот бек на битолчани, Јован Талевски, и во Кавадарци покажа дека е големо засилување за тимот. Тој смета дека тимската хемија, сплотеноста и карактерот се покажаа на дело на овој дуел.

„Сплотеноста на екипата, хемијата и карактерот беа клучните фактори. Си рековме во соблекувална да не си создаваме притисок, да го дадеме максимумот и тоа се случи. Се поддржувавме сите еден со друг и на крајот остваривме победа“, вели Талевски за 24Ракомет.

Тој со Димитровски и Дрогришки се меѓу најискусните во екипата, но вели дека тимот треба уште повеќе да се докажува во иднина.

„Уште од првиот натпревар се очекува од мене да преземам одговорност во клучните моменти, но допрва почнуваат главните битки и се надевам дека таму ќе покажеме дека вредиме сите заедно како екипа“, продолжува Талевски.

Битолчани имаат за играње уште три средби – против Металург дома и Бутел Скопје на домашен терен, и на гости во можеби решавачка пресметка против Прилеп. Талевски смета дека имаат сили да ја остварат целта – влез во плеј-оф.

„Прекините влијаат врз перформансите на играчите, не можеме да одработиме квалитетни тренинзи. На пример еден натпревар одигравме без тренинг претходно десетина дена, но како за сите така и за нас. Направивме еден чекор напред кон плеј-офот и се надевам дека имаме сили да го оствариме тоа што се очекува од нас“, заврши Талевски.

ДРАМА во Кавадарци: Еурофарм Пелистер 2 чекор поблиску до плеј-оф, му сервираше слатка одмазда на Тиквеш!

Јовиќ: Ништо не е решено, но Еурофарм Пелистер 2 заслужува да игра во плеј-офот!

Петрески: Иако губевме цел натпревар, на крајот бевме во игра најмалку за реми, но…

Симиќ: Тиквеш никогаш не се откажува, зошто да не ги победиме Бутел или Металург