„Тажен е начинот на кој се разделивме, посакував да одиграм уште една сезона“

Поранешниот репрезентативец на Шведска, Јонас Калман не го продолжи договорот со ПИК Сегед. Поради тоа, Калман по седум сезони поминати во унгарскиот вицешампион, на лето ќе мора да бара нов ангажман.

Искусниот ракометар за „Aftonbladet“ отворено зборуваше за неговите идни планови и разделбата со ПИК Сегед.

„Отворен сум за сите решенија и дестинации, од Шведска до Шпанија. Расположен сум и за играчки и тренерски ангажман. Доколку некој ми го понуди тоа, ќе ја завршам играчката кариера и ќе се посветам на тренерската, иако посакувам да играм уште”, изјави Калман.

Швеѓанецот посакуваше да игра уште една сезона во дресот на унгарскиот клуб. Сепак, ПИК Сегед се реши на негово место да го донесе талентираниот ракометар од Норвешка и член на Елверум, Александар Блонц.

„Малку е тажен начинот на кој се разделивме. Веќе на Божиќ на раководството на клубот им реков дека сакам навистина да продолжам да играм уште една година. Но, тие рекоа да почекам некое време за одговор, а потоа пред два дена ми рекоа дека не сакаат да ја продолжиме соработката, на мое место ќе донесат млад играч”, додаде Калман.

Тој верувал дека неговиот договор ќе биде продолжен бидејќи беше капитен на екипата и еден од носителите на играта во клубот. Но, и покрај пристигнувањето на Александар Блонц, неговите надежи биле дека ќе остане во Сегед.

„Верував, дека и покрај тоа, клубот ќе ми понуди да играм уште една година. Се чувствувам добро, сигурен сум дека уште можам да придонесам. Горчливиот вкус останува затоа што одлуката ми беше соопштена доцна, сега е веќе мај и нема многу време да се најде нов ангажман”, заврши Калман.

Во својата кариера, Калман го носеше дресот на Атлетико Мадрид, Сиудад Реал и Сковде. Последните седум години ги помина во ПИК Сегед.