Сè решено за 30 минути – Еурофарм Пелистер со минус девет на одмор против Ним

Стартот на групната фаза во Лигата на Европа за екипата на Еурофарм Пелистер е далеку под очекувањата со оглед на тоа што после 30 минути игра против Ним има негатива од девет гола и резултат 6:15.

Од почетокот на средбата се виде тешка игра од ракометарите на тимот од Битола. Постигнаа гол после 30 секунди, а потоа чекаа дури до 13. минута за нов погодок. Во меѓувреме Ним веќе имаше 7:1, па вториот погодок на Еурофарм Пелистер не донесе ништо ново.

Жељко Бабиќ тргна со голем ризик да игра со седум ракометари во напад и ова го чинеше неверојатно многу. Одбраната на Ним беше неверојатна, а голманот Десбоне уште поневеројатен бидејќи на осумте одбрани додаде и три гола, па буквално самиот задаваше проблеми за Еурофарм Пелистер.

И покрај сите обиди да се одигра нешто подобро немаше ништо од играта која сите се навикнати да ја гледаат од Еурофарм Пелистер. Бледо беше до крајот на првиот дел, па со само шест постигнати гола и дури 15 примени на одмо се замина со голема негатива.

Три гола беа дело на Мандалиниќ, исто колку што имаше и голманот на Ним. Два постигна Граџан, а еден Табоада. Во Ним репрезентативецот на Египет, десното крило Мохамед Санад заврши со седум гола. Втор стрелец е голманот Десбоне со три гола од три обиди.