СТРУГА 2022: Бутел Скопје – спојот на младоста и искуството носи одлични резултати

Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!

Еден од стандардните учесници на Струшкиот турнир во последните четири години е составот на Бутел Скопје. Екипата која по само една сезона во Првата лига пред пет сезони стигна до елитното друштво, минатата сезона стигна до најголемиот успех во клупската историја со освојувањето на третото место во Суперлигата и обезбеди по третпат излез во Европа.

Покрај сениорската екипа, овој клуб минатата сезона имаше одлични настапи и во младинските категории – ја освои титулата во кадетската лига, а играше во финалето на младинската лига. Дел од младите ракометари веќе се приклучија кон првата екипа и ќе добијат шанса од тренерот Кристијан Грчевски, кој заедно со неговиот асистент Дарко Јанев се творци на најголемиот успех на Бутел Скопје.

Од минатата сезона клубот остана без столбот на одбраната Бојан Спасовски, кој ја заврши кариерата и ќе биде дел од раководството, како и без одличниот голман Градимир Чаневски, кој кариерата ќе ја продолжи во Израел. Од клубот замина и македонскиот репрезентативец Марко Митев, кој се пресели во Алкалоид и во Струга ќе игра против поранешниот тим.

Договорите ги продолжија тренерот Грчевски, пивотите Јевтиќ и Стојчевиќ, како и бекот Стојановски. Професионални договори потпишаа и шестмина ракометари од младинските тимови на Бутел, додека беа ангажирани и уште четворица млади ракометари од други тимови.

Раководството на Бутел Скопје успеа да донесе квалитетни засилувања и сега ростерот на клубот е уште поширок. Дојдоа голманот Филип Ивановски, кој има големо искуство од настапите во Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, како и бековите Мартин Манасков, Стефан Крстевски и Филип Николов.

Асистенот на Грчевски, Дарко Јанев, вели дека групата е силна, но натпреварите ќе бидат добра проверка за Бутел пред европските настапи и стартот на Суперлигата.

„Струшкиот турнир важи за еден од најквалитетните на Балканот и сигурно ќе биде одлична проверка за нашите ракометари пред стартот на новата сезона. Со оглед на тоа што во нашата група ги имаме двата поранешни европски прваци – Вардар и Целје, мислам дека не треба многу да се зборува за тоа колку е силна групата“, вели Јанев.

Десното крило Златко Мојсоски очекува екипата добро да се воигра пред стартот на новата сезона.

„Нашите очекувања од турнирот во Струга се во тие неколку дена и квалитетни натпревари кои ќе ги одиграме да ја провериме нашата физичка и тактичка подготвеност. Ќе ги искористиме натпреварите и за воигрување на екипата со новите засилувања и младите кои ќе донесат нова свежина во нашиот тим“, вели Мојсоски.

Бутел Скопје ќе биде во група со двата поранешни европски прваци – Вардар и Целје, како и со новиот тим во Суперлигата Алкалоид.

клучни играчи: Јовица Младеновски, Мирко Мајиќ, Димитар Ѓоргиевски

натпревари на Бутел Скопје на турнирот во Струга
Целје (16 август),
Вардар (17 август),
Алкалоид (19 август)

состав на Бутел Скопје: Филип Ивановски, Бојан Блажески, Наум Симјановски, Мирко Мајиќ, Дамјан Субашевски, Филип Бошковски, Јовица Младеновски, Томче Стојановски, Мартин Манасков, Иван Андревски, Илија Табаков, Димитар Ѓоргиевски, Стефан Крстевски, Петар Цветковски, Наум Тасески, Стефан Јовевски, Кристијан Василевски, Владимир Јевтиќ, Стефан Стојчевиќ, Дејан Михајловиќ, Кристијан Давитковски, Филип Николов, Андреј Петрушевски, Златко Мојсоски, Бојан Спасовски

Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.