Стевче Стефановски за ГРУПА Ц: Шведска без слаба точка, Бразил фаворит пред Уругвај и Зеленортски Острови

Oсум групи за осум истакнати тренери, сегашни и поранешни селектори. Стевче Стефановски беше дел од првата селекција на Македонија која дебитираше на Европските првенства во 1998 година, но како играч. Една година подоцна во нова улога како селектор ја водеше Македонија на Мундијалот во Египет, кога на големите натпреварувања дебитираше сегашниот селектор на Македонија, Кирил Лазаров. Стефановски како тренер седеше на клупата на неколку екипи од Македонија, а во моментов е дел од тимот на Еурофарм Пелистер, каде што има улога на координатор на младинските школи. Стевче Стефановски за 24Ракомет од тренерски агол ја анализира групата Ц.

Групата Ц на Светско Првенство во Полска и Шведска, ќе биде една од полесните, бидејќи фаворити за пласман во следната фаза се Шведска и Бразил, иако селекцијата на Бразил ќе биде драстично ослабена без членот на Барселона, левиот бек Ханиел Лангаро, сепак, во конкуренција на Уругвај и Зеленортски Острови може да се избори за пласман во следната фаза од Мундијалот. Меѓусебниот дуел меѓу Уругвај и Зеленортски Острови ќе одлучи, која од овие две репрезентации ќе оди во следниот круг.

🇨🇻 ЗЕЛЕНОРТСКИ ОСТРОВИ 🇨🇻

Селекцијата на Уругвај можам да кажам дека е поискусна во однос на Зеленортските Острови. Овие две репрезентации требаше да играат на минатиот Мундијал во Египет (2021), но ракометарите на Уругвај забележаа службена победа (10:0), бидејќи Зеленортските Острови го напуштија Светското првенство поради недоволен фонд на играчи, според правилникот и тоа е уште едно мерило и показател дека за Зеленортските Острови ракометот е се уште аматеризам, а за нас, европјаните, тотална непознаница.

Но, со ангажирањето на Љубомир Обрадовиќ како селектор, оваа репрезентација ќе добие на квалитет и играта главно ќе се базира на агресивна одбрана. Обрадовиќ е тренер, кој што сака агресивна игра, цврста одбрана и добра транзиција. Дали има материјал за ова да го спроведе, тоа ќе се види на теренот на Светското првенство. Специфично за Зеленортските Острови е тоа што нивните играчи играат претежно во Португалија, не се без некое европско искуство, но сепак за нас се непознаница. Познавајќи го Љубомир Обрадовиќ, мислам дека ќе игра 6-0 во одбраната, на раб на грубост, тоа го практикувал во сите клубови и репрезентации со кои соработувал. Практикува игра со цврста одбрана, но дали ќе успее да го наметне тоа со Зеленорските Острови и дали ќе го извади максимумот од неговите играчи?

🇺🇾 УРУГВАЈ 🇺🇾

Како што истакнав, селекцијата на Уругвај е поискусна од Зеленортските Острови. Во оваа репрезентација настапува младиот Зион Рамос, кој игра во шведскиот шампионат и го носи дресот на Малме, позвучни имиња се левото крило Федерико Рубо и голманот Фелипе Гонзалез, но споменатите не претставуваат голема опасност за европските селекции, така што Уругвај ќе биде фокусиран за дуелот против Зеленортските Острови. Уругвај е типично јужноамериканска школа, може да изненади со некои комбинирани формации во одбраната.

🇧🇷 БРАЗИЛ 🇧🇷

Бразилците не се без искуство, факт е дека во последно време е евидентен нивниот напредок и кај мажите и кај жените. Затоа имаат голем број на ракометари, кои што настапуваат во Европа, како на пример специјалистот за одбрана Тијагуш Петруш и Ханиел Лангаро, двајцата играат во Барселона, но како што кажав за Лангаро и за Мораеш, кој македонската публика го знае од настапите во Вардар, ако не настапат овие двајца ракометари, сериозно ќе биде различен квалитетот кај селекцијата на Бразил.

Во однос на Уругвај и Зеленортските Острови, јас мислам дека би можеле да го освојат второто место, затоа и му давам предност на Бразил во однос на овие две репрезентации. И Бразил е јужноамериканска школа, мислам дека ќе игра 6-0 во одбраната, но доколку игра Петруш тогаш многу лесно ќе може да дојде до трансформација на одбраната од 6-0 во 5-1 и обратно.

🇸🇪 ШВЕДСКА 🇸🇪

Сите знаеме за големината на Шведска, моментално втора во светскиот ракомет, прва во европскиот, со оглед на тоа дека го освои континенталниот собир минатата година. Шведска има голем број на играчи кои играат во најсилните лиги во Европа. Селекторот Глен Солберг одлично си ја води репрезентацијата, доадатен квалитет кај Шведска е голманот Микаел Апелгрен, кој не настапи на ЕП во Унгарија и Словачка. Станува збор за квалитетен голман, со кој Шведска ќе добие уште повеќе.

Во Шведска нема слабо место, Солберг има на располагање една плејада на ракометари, со кои може да го држи темпото 60 минути, што е многу битно за ваков вид на натпреварување и репрезентацијата на Шведска може да биде многу опасна во следниот круг, затоа што нема да биде изморена од играње во првата фаза, бидејќи има ривали по мерка и може да ги заштеди играчите и во вториот круг да влезе со многу посвеж тим во однос на другите репрезентации.

Шведска за мене е еден од фаворитите на оваа СП. Оваа репрезентација, уште од 80-те години, односно од времето на Бент Јохансен играат 6-0 одбрана. Не практикува модерни комбинирани формации во одбраната, ја играат класичната 6-0 формација. Имаат двајца одлични голмани – Апелгрен и Паличка, а останатите играчи играат во два правци и за Солберг е благодет што има на располагање квалитетни играчи, кои можат да играат по 60 минути на натпревар. Не гледам слаба точка во шведската репрезентација. Шведска не само што е истакнат фаворит во оваа група, туку е еден од главните фаворити на СП.