Стартуваше ваучерскиот систем во 2020 година – 10 милиони евра за поддршка на спортот!

Во рамките на заложбата за подобрување на условите за поддршка на спортот, спортските федерации, клубови и спортисти преку мерката спортски ваучери, со кои Владата заедно со Агенцијата за млади и спорт, ги стимулира стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот, стартуваше ваучерскиот систем во спортот за 2020 година со кој ќе се обезбедат 10 милиони евра за оваа намена.

Во овој систем на поддршка на спортот, дополнителни финансиски средства доаѓаат од стопанските субјекти, кои на ваков начин ја остваруваат својата улога како општествено одговорни компании. Согласно последните доделени средства, опфатени се речиси 1000 спортски субјекти и спортисти кои добиле ваучери и поддршка од државниот буџет.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, истакна дека спортскиот ваучер, како дополнителен извор за финансирање на спортот значително го подигнува нивото на квалитет и ја зголемува финансиската моќ на спортските клубови.

„Преку овој систем клубовите и федерациите можат да обезбедат сигурен партнер во финансирањето на нивните програми. Годинава 43 национални спортски федерации, 454 спортски клубови и 320 индивидуални спортисти ќе добијат дополнителна финансиска поддршка, што е од огромно значење за нивниот професионален развој и напредок“, нагласи Каевски.

Компаниите, дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата, ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист.

На прес-конференцијата се обрати и претседателката на ракометниот клуб Металург, Зорица Блажевска, која го истакна значењето на ваучерскиот систем за успешното враќање на ракометниот клуб на големата сцена.

„Во 2019 година Владата ни излезе во пресрет и добивме ваучер кој ни помогна да се извлечеме од кризата и да продолжиме напред. Ги повикувам сите менаџерски тимови да го поддржат овој проект. На овој начин ги поддржувате и вашите деца и внуци. Едно дете повеќе во спортска сала еднакво на едно дете помалку на улица“, апелираше Блажевска.